124-126
Towards the edition of the book “LOGIC-basic theory of rationality” by d-r Violeta Panzova
Authors: Mirko GJOSEVSKI
Number of views: 369
Книгата Логика-општа теорија на рационалноста од д-р Виолета Панзова-професор на Филозофскиот факултет во Скопје, според својата форма и начинот на обработка на содржини претставува универзитетски учебник, а по своето квалитативно ниво е студија посветена на основните тематски области на класичната и современата логика.
Учебникот-студија Логика-општа теорија на рационалноста изложен е на 313 страници. Книгата ја сочинуваат: Вовед; Десет глави означени со наслови; Библографија (вкупно 88 единици, главно, книги и зборници) на следните јазици: македонски, англиски, српски, словенечки, хрватски, полски, руски, бугарски, германски и француски; Белешки (вкупно 97) кои покрај податоците за цитираната литература содржат и повеќе коментари за прашањата третирани во текстот; илустрации со пригодни фотографии на славните творци на логичката наука (Аристотел, Пирс, Лајбниц, Фреге, Витгенштајн, Расел) проследени со биографски и библиографски податоци за нивната дејност и со згуснати експозиции на нивните епохални идеи, Множество табели, шеми, формули, симболички записи, со кои се елаборираат и илустрираат прашањата што ги опфаќа како класичната така и современата логика.
Структурираноста на тематските подрачја на книгата детерминирана е од концептот на книгата што го застапува авторот. За Виолета Панзова замислата на логиката може да се изложи и да се оправда како општа теорија на рационалноста. Само со ваквиот концепт може да се разбере инволвирањето на подрачјата од сферите на теоријата на познанието, теоријата на значењето, епистемиологијата и методологијата, што се опфатени во засебни глави во книгата.
Концептот што го застапува и развива авторот Виолета Панзова, инспириран е од изворното Аристотелово поимање на логиката како теорија за облиците на заклучувањето (аналитичкото, дијалектичкото, реторичкото) како учење за познанието и неговите методи, конечно и како теорија на значењето. Повикувајќи се на најзначајните достигања на логичката традиција (класичната логика), авторот својот концепт го гради преку длабоките резови во современите текови на: теоријата на познанието, логичката семантика, методологијата, филозофијата на јазикот и филозофијата на науката. Токму овој комплексен зафат дава објаснение на додавката-"општа теорија на рационалноста#.